На митингот во Центар, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, испорача остар, мобилизациски говор и нагласување на потребата од промена, која ја очекува на 19 октомври.
Во својот говор Мицкоски се осврна на претходниот митинг на СДСМ во Центар користејќи ја нивната реторика за ветувањата на СДСМ („живот и ајро“, „среќа и салата“) дека „народот салата нив ќе ги направи на овие избори“. СДСМ ги нарече „брод што тоне“ и распадната партија која е во „стечај, а отсуството на пратеници и функционери на нивните митинзи е само знак на внатрешно неверување и дезертирање.
На митингот фокус е ставен на националниот идентитет и надворешната политика, конзистентната линија на ВМРО-ДПМНЕ наспроти политиките на СДСМ за „виткање кичма“ и „капитулација со Бугарија“. За Мицкоски раководството на СДСМ се „македонски политичари со највисок рејтинг во Бугарија“, директно сугерирајќи предавство на националните интереси.
Ветувањата на СДСМ за „црвени линии“ ги отфрла како „ново алиби за нови отстапки“, наспроти неговата категоричност – „Нема никогаш да дозволам да се случи каква било отстапка... а македонскиот народ и државата да не добијат реципроцитет“ – е јасна порака дека нема да отстапи од тврдата позиција во преговорите за националните интереси и одбараната на националниот идентитет.
На собирот, покрај локалните кандидати, имаше и видлива коалициска поддршка од кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ од коалицискиот Движење ЗНАМ, како и на Орце Ѓорѓиевски за Скопје.