Она што е важно да се напомене е дека системот е целосно бесплатен и покрај патните исправи, не бара ниту еден друг документ!
• Системот EES практично се однесува на сите државјани на трети држави, меѓу кои се и државјаните на Македонија, и тоа исклучиво оние кои немаат регулиран престој подолг од 90 дена во земјите што го применуваат EES. Односно, системот ќе се применува исклучиво на граѓаните кои патуваат до 90 дена во овие држави, односно одат на т.н. краткорочен престој.
Податоците се земаат само еднаш
Освен вообичаената, редовна процедура која патниците од Македонија досега мораа да ја поминат, ќе се врши и т.н. земање на биометриски карактеристики, односно податоци за лицето преку фотографирање и отпечатоци од четири прсти на десната рака. Откако еднаш ќе се внесат биометриските податоци, за секое следно патување ќе биде доволно само скенирање на пасошот за сите потребни информации.
Нема старосна граница за примена на EES, но деца на возраст до 12 години ќе бидат изземени од земање отпечатоци од прсти.
Како ќе изгледа процедурата
Доаѓање на граничниот премин
• Покрај вообичаената контрола (проверка на пасош, визни услови, докази за средства, сместување), ќе биде активиран EES протоколот.
• Доколку тоа е ваша прва посета во рамките на EES, односно досега не сте биле регистрирани во системот, ќе ви бидат земени биометриски податоци: фотографија на лице + отпечатоци од прсти.
• Податоците за влезот (време, место) автоматски се бележат во системот.
Излез од Шенген
• При излезот системот ќе го регистрира тоа, односно ќе го одреди времето и местото на излез, и ќе го поврзе со влезните податоци.
Следни посети/повторно влегување
• Кога повторно патувате во Шенген, системот ќе ги користи прибраните податоци за да ве „препознае“ (лице/отпечатоци) и да провери дали претходно сте влегле/излегле, дали е надминат дозволениот престој, дали имате активни забрани, итн.
• Процесот би требало да биде побрз, бидејќи нема да мора повторно да се внесуваат сите податоци.
Во преодната фаза (октомври 2025 до април 2026), можни се „олеснувања“:
• Дел од граничните премини нема веднаш да бараат биометрија или нема да ги обработуваат сите патници низ EES.
• Сè уште може да се ставаат печати во пасошот во некои случаи.
• Можни се повремени исклучоци за да се избегнат гужви.
Важно е да се напомене дека при регистрацијата, поточно при собирањето на податоците, сите патници се должни да го напуштат возилото и да пријдат до пунктот каде што се врши. Ако одбиете да ги дадете своите биометриски податоци, ќе ви биде ускратен влез на територијата на европските земји кои го користат EES.
На патните гранични премини, државјаните на трети земји, вклучувајќи ги и македонските, ќе треба да користат посебни сообраќајни ленти на кои ќе биде поставена дополнителна табла со натпис „Entry-Exit system“. На контролните кабини на тие ленти ќе бидат инсталирани уреди на кои ќе се врши регистрацијата/верификацијата на оваа категорија патници.

Колку ќе трае процедурата
За новата процедура на границите ќе бидат потребни неколку минути по патник. Засега не може со сигурност да се каже колку точно, но според претходни изјави на експерти, би можело да биде од 3 до 5 минути најмногу за првичната регистрација.
• Доколку нема технички проблеми, не би требало да трае подолго од 2 до 3 минути. Максимумот што го даваат за таа процедура е 5 минути.
Така, ако едно четиричлено семејство тргнува на одмор, за евидентирање на податоците ќе бидат потребни од десет до дваесет минути. За автобуси е тешко да се процени, бидејќи сè зависи од моменталните услови на границата и во возилото.
Ќе има гужви, но постои „план“ и за тоа
На сите патници кои од 12 октомври планираат патување во земјите на Шенген им се советува да сметаат на можни гужви, бидејќи евидентирањето на податоците може да го продолжи времето на задржување.
Во текот на периодот на постепено воведување на системот што ќе трае 6 месеци, царинските службеници ќе можат привремено да ја прекинат примената на EES-от во моменти кога се создаваат големи гужви, за да се избегне колапс на границата. По намалување на задржувањето, системот повторно ќе се активира.
Важна напомена за патниците! Доколку се најдете во колона, а веќе сте се регистрирале во EES системот, ќе мора да чекате, алтернатива засега не постои.
EES ќе се применува по два часа во секоја смена
Во текот на преодниот период кој ќе трае шест месеци, поточно од октомври до април, и понатаму ќе се ставаат печати во пасошите на државјаните на трети земји.
Земјите ќе го применуваат системот со ограничено работно време на почетокот, на пример, најмалку два часа во секоја смена (односно четири часа во 24 часа), а времето на активна примена ќе се зголемува секој месец. Целосната примена, со која целосно ќе се напушти печатирањето, не е планирана пред април 2026 година.
На тој датум, 10 април 2026 година, кога се претпоставува дека ќе заврши фазата на имплементација, печатирањето на пасошите официјално оди во заборав!
EES на аеродромите
На поголемите аеродроми ќе бидат достапни и EES киосци наменети за патниците кои првпат влегуваат во шенгенскиот простор и сè уште немаат креирано EES досие.
Постапката вклучува скенирање на патната исправа, земање биометрија на лицето и отпечатоци од прсти и пополнување на краток прашалник, со поддршка на 15 јазици.
Патниците ќе пристапат до еден од самоуслужните киосци каде што ќе го скенираат пасошот, ќе дадат отпечатоци од четири прсти на десната рака, додека камерата ќе го скенира лицето и ќе го спореди со фотографијата во пасошот. Податоците автоматски ќе се споредат и внесат во системот, а потоа патникот ќе пристапи до полицаецот на граничната контрола.
Целата постапка би требало да трае помалку од минута кај киосците.
EES и во соседните земји
Примената на EES системот за државјаните на Република Македонија ќе важи при влезот и во соседните земји:
• Бугарија (на пример, на преминот Ќустендил - Ѓуешево (или Градина – Калотина))
• Грција (членка на ЕУ/Шенген зоната)
• Унгарија (членка на ЕУ/Шенген зоната, се воведува фазно од 28 октомври до 11 ноември 2025 година)
• Романија (на пример, на преминот Калуѓерово – Најдаш)
• Хрватска (членка на ЕУ/Шенген зоната, почнува со работа утре попладне)
EES системот ќе се применува во 29 европски држави: 25 кои се членки на ЕУ (сите освен Ирска и Кипар) и 4 кои не се во ЕУ, но се наоѓаат во Шенген зоната (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија).
Иако периодот на имплементација на EES системот трае 6 месеци, граѓаните кои во тој временски период не бидат регистрирани во системот, ќе можат тоа да го направат првпат кога ќе ја преминат границата и по тој период.
Други извори:
Кликни тука - МНР
Кликни тука - МВР