
11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Македонија денес е полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО и очекува одржување на првата меѓувладина конференција која означува старт на преговорите за членство со Европската Унија.
Денешниот ден, согласно Законот за празници, е прогласен за неработен ден во земјава.