Кога мегaфоните на СДСМ повикуваат на распарчување на премиерот, тоа не е хумор, тоа е црна пропаганда насочена кон создавање страв, поделби и дестабилизација во изборен период. Тоа е дел од стратегијата на една потоната партија, која, наместо идеи, нуди омраза и агресија, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ преку прес конференција на која говореше Викторија Андоновска.
– Повод за овој прес е срамната и морбидна објава на социјалните мрежи од Бранко Тричковски, долгогодишен пропагандист и медиумски гласноговорник на СДСM, кој во врска со настанот со лажната дојава за бомба во центарот на Скопје, пишува, цитираме: „Најголем предизборен штос би направиле кога во куферот би го напикале распарчaното тело на Христијан!“ Овој морбиден испад не е изолиран случај, ниту дело на поединец со нарушена психолошка состојба. Тоа е резултат на системскиот очај и политичкиот банкрот на СДСМ, кои, свесни дека немаат што да им понудат на граѓаните, се потпираат на омраза, лаги и повици на насилство – изјави Андоновска.
Таа додава дека фактот што медиуми кои важат блиски до СДСМ редовно ги објавуваат и промовираат ставовите на Тричковски, покажува дека станува збор за организирана хајка, диригирана од ист центар, со цел да се поттикне тензија, да се создаде впечаток на страв и да се измести фокусот од реалните теми што ја мачат државата и граѓаните.
– Да нема забуна – ова не е еден човек што зборува сам за себе, ова е гласот на очајот на СДСМ, кој се слуша преку нивните медиумски издувни вентили. Исто така, треба јасно да се потенцира и одговорноста на медиумите кои ги пренесуваат овие пораки — дали тоа го прават по налог и како дел од сценарио, или затоа што веруваат и се согласуваат со она што тој го пишува. Во секој случај тие се соучесници во ширењето омраза и закани – рече Андоновска.